Босанскохерцеговскиот репрезентативец Сеад Колашинац открива дека бил нервозен пред трансферот во Арсенал, бидејќи тоа значело работа со францускиот тренер Арсен Венгер.
24-годишниот Колашинац импресионира со своите игри откако дојде од Шалке, и вели дека тренерот и неговите колеги му помогнале да се вклопи во тимот. Левиот бек стана миленик на публиката, и вели дека е пресреќен што игра на „Емирати“.
„Навистина е многу забавно да се работи со менаџер како Венгер. На почетокот, бев малку нервозен, но тоа што зборува добро германски ми помогна. Сезоната само што почна, но засега сум задоволен. Имам потенцијал да бидам и подобар и сакам да го покажам тоа во наредните натпревари. Морам да им заблагодарам на колегите што ми помогнаа добро да се вклопам во тимот и во животот во Лондон“, вели Колашинац.