Фудбалерите на Манчестер Сити предмалку го совладаа Брајтон нагости со 4-1 и ја обезбедија титулата во Премиерлигата.
Залуден беше триумфот на Ливерпул од 2-0 против Вулверхемптон на „Енфилд“ затоа што „граѓаните“ по 38 кола сезонава собраа 98 бода, еден повеќе од „црвените“.
Сити и Ливерпул во текот на целата сезона водеа битка за титула, но на крај поуспешни беа фудбалерите на Пеп Гвардиола за кого ова е втора титула откако е на кормилото на клубот.
Ливерпул ќе мора да почека барем до идната сезона да го прекине постот без титула во Англија кој трае цели 29 години. Сепак „црвените“ ќе имаат можност за утеха, на 1 јуни во Мадрид против Тотенхем играат финале во ЛШ.
Сити доби студен туш на денешниот меч против Брајтон. Во 27 минута Мареј донесе водство за домаќините. Сепак по само 60-тина секунди Манчестер Сити се врати на егал, погоди Агуеро за 1-1. Во 38 минута Лапорт со глава погоди за 1-2.
Во вториот дел на 1-3 зголеми Ријад Марез, а конечниот резултат со гол од прерасен слободен удар го постави Гундоган.
Ливерпул немаше проблеми со „волците“, стрелец на двата гола беше Садио Мане, но играчите во текот на целиот меч очекуваа позитивни вести од Брајтон. За нивна жал, до тоа не дојде, па избраниците на Клоп ќе мора да се надеваат на успех следната сезона.
На останатите натпревари Кардиф на „Олд Трафорд“ го изненади Манчестер Јунајтед, го совлада со 2-0, Тотенхем одигра 2-2 против Евертон, а Арсенал со 3-1 нагости го победи Барнли. Челзи како гостин одигра само 0-0 кај Лестер. Ватфорд дома загуби од Вест Хем 1-4, Кристал Палас со 5-3 беше подобар од Борнмут, Фулам во Лондон беше поразен со 0-4 од Њукасл, додека Саутемптон и Хадерсфилд ги поделија бодовите 1-1.