Манчестер сити би можеле да бидат исфрлени од Лигата на шампионите, иако изборија пласман во елитното натпреварување, тврди „Њујорк Тајмс“. Весникот тврди дека ова од надлежните во УЕФА го побарале истражителите.
Истрагата покажала дека Манчестер сити на погрешна трага ги наведувале истражителите додека свесно ги кршеле правилата пропишани со финансискиот фер-плеј (ФФП). Наводно „граѓаните“ не ги почитувале правилата во делот кој се однесува на работењето со спонзорите кои се поврзани со сопствениците на клубот.
„Фудбал Ликс“, пред неколку месеци објави документи кои укажуваат дека Манчестер сити свесно се обидувале да ги заобиколат правилата на УЕФА.
Клубот добивал финансиски инјекции од инвеститорска компанија позади која стои државата Обединети Арапски Емирати. Парите влегувале низ спонзорски договори со компании каква што е „Итихад“. Оваа компанија е главен спонзор на клубот.
Останува да се види дали УЕФА, ќе ја почитува препораката на истражителите и ќе им забрани на Манчестер сити наредната сезона да играат во Лигата на шампионите.