Потпретседателот на Барселона, Жорди Местре ги предизвика Реал Мадрид да помогнат во развојот на женскиот фудбал со формирање на сопствен тим, откако каталонскиот тим, каде што игра и нашата Наташа Андонова, во сабота ќе се обиде да стигне до титула од Лигата на шампионите.
Барселона е аутсајдер на финалето во Будимпешта против францускиот Лион и Местре вели дека со посилна шпанска лига ќе има и поголема конкурентност во Европа. Шпанските шампиони Атлетико Мадрид и вице-шампионите Барселона завршија со 21 поен пред најблиските предизвикувачи Леванте оваа сезона, додека Реал Мадрид е еден од ретките големи европски тимови без женски тим.
„Секако, лигата може да биде многу подобра. Знаеме дека федерацијата прави напори и сега имаме многу ТВ покриеност, што помага да има повеќе публика, повеќе спонзори. Атлетик Билбао, Реал Сосиедад и Атлетико Мадрид вложуваат во своите тимови и има конкуренција, но според мене е срамота што Реал Мадрид, како клуб немаат женски тим. Има тим Мадрид, кој нема врска со клубот. Да имаме женско Класико ќе има многу интерес и ќе донесе атракција. Се надевам дека ќе сфатат дека се работи за интересен проект“, вели Местре.