Фудбалерките на Олимпик Лион продолжуваат да доминираат во фудбалска Европа и четврта година во низа стануваат шампионки на Стариот континент. Лион во финалето кое попладнево се одигра на стадионот „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта убедливо со 4-1 ја совлада екипата на Барселона каде настапува нашата репрезентативка Наташа Андонова.
Сепак на мечот доминираше норвешката фудбалерка, Ада Хагерберг која минатата сезона ја освои Златната топка во женска конкуренција. Таа постигна хет-трик на мечот за само 16 минути.
Џенифер Марошан погоди во 6 минута за водство на Лион од 1-0, а во 14, 19 и 30 минута, Хагерберг прецизно стрелаше за преубедлива финална предност.
Каталонките единствено што успеаја да направат до крајот на мечот беше почесниот погодок кој е дело на Асисат Ошоала.
Наташа Андонова мечот го проследи од клупата за резерви.
Ова за Олимпик Лион беше шеста титула во најсилното натпреварување.