Хрватскиот репрезентативец, Иван Ракитиќ вели дека би сакал да игра покрај Антоан Гризман, по шпекулациите дека францускиот напаѓач ќе направи трансфер во Барселона ова лето.
Гризман веќе потврди дека ќе замине од Атлетико Мадрид ова лето по пет години кај „јорганџиите“, навлекувајќи го бесот на навивачите откако пред само 12 месеци го продолжи договорот. Барселона подолго време се споменува како главна дестинација за Французинот, но цената од 125 милиони евра за клаузулата за раскин на договорот може да биде проблем. Ракитиќ за „Мундо депортиво“ вели дека тоа би била фантастична вест за Каталонците.
„Ми се допаѓа многу, освен минатото лето кога ми го уништо сонот на Светското првенство во Русија. Се работи за врвен фудбалер, најдобар на светот и секако дека би го сакал како соиграч. Се работи за голем професионалец и со продолжувањето на договорот лани покажа дека го сака Атлетико. Сите добри фудбалери се добредојдени“, вели Ракитиќ.