Top Sport

Теди Шерингам и Енди Кол се смирија по 20 години!

Овој викенд на „Олд Трафорд“ ќе се одигра „реприза“ на славното финале од Лигата на шампионите помеѓу Манчестер јунајтед и Баерн Минхен и првпат по 20 години ќе се ракуваат Теди Шерингам и Енди Кол, поранешните соиграчи кои беа во „војна“ повеќе од 20 години.

Како започна? Кол дебитираше за англиската репрезентација против Уругвај во 1995 година како замена за Шерингам и расправија за примен гол против Болтон три години подоцна кога беа соиграчи во Манчестер јунајтед значеше дека двајцата не разменија зборови ниту во 1999 година кога тимот ја освои тројната круна. „Го мразев со страст 15 години“, напиша Кол во 2010 година и Шерингам во интервју за „Дејли мејл“ открива како е „закопана воената секира“.

„Никогаш не се согласувавме како фудбалери. Со некои колеги се сложуваш, со некои не сакаш да си заедно. Така беше со Енди. Не одеше. Но се смиривме. Бев во ноќен клуб со моите пријатели и таму беше Енди со неговата сопруга Ширли. Тогаш дојде до мене и немаше насмевка на лицето и си помислив: ’тука сме по сите тие години’. Но, тој пружи рака и кажа: ’што било, било, да го оставиме зад нас’. Не го очекував тоа. Се ракувавме и тоа беше готово“, открива Шерингам.

Додека Кол беше совршен партнер со Двајт Јорк, Шерингам и сегашниот менаџер на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер беа „спасители“ на Јунајтед во тоа финале во 1999 година во Барселона, кога постигнаа два гола во судското продолжение за титулата од ЛШ.

„Јас и Оле разговаравме кога го постигнав првиот гол. Си кажавме дека имаме уште 30 минути да уживаме на овој стадион. Но, 40 секунди подоцна, Оле го постигна голот и другото е историја“, вели Шерингам.

 

Scroll to Top