Тренерот на Пари Сен-Жермен, Германецот Томас Тухел самиот ги потврди шпекулациите дека францускиот шампион сака да го ангажира Масимилијано Алегри како нов тренер, објаснувајќи дека: „се чувствуам како сите да знаат нешто што јас не знам“.
Алегри, по одлуката на Јувентус да го отпуштат, е поврзуван со повеќе клубови, вклучувајќи ги Рома, Тотенхем и Баерн Минхен, но сепак, најсилната врска е со ПСЖ, откако Тухел во првата сезона на клупата ја освои титулата од Лига 1, но излета од ЛШ во добиен двобој со Манчестер јунајтед, а последните недели од сезоната беа засрамувачки – пораз во финалето на купот од Рен и низа порази во лигата, вклучувајќи го 3:1 поразот од Ремс во последното коло.
„Искрено, малку сум загрижен што постојано ги добивам овие прашања. Се чувствувам како сите да знаат нешто што јас не знам. Дали вие имате информации? Треба да бидам загрижен? Знам дека сè е можно во фудбалот“, вели Тухел.
Германецот верува дека е потребна смена на односите во клубот за да се тргне напред, барајќи единство во тимот по шпекулациите за конфликти и групирања во соблекувалната.
„Мораме да се фокусираме, да бидеме заедно, клубот, тренерите, фудбалерите. Мораме да бидеме строги и да го најдеме нашиот дух, начинот на работа од стартот на сезоната. Сите заедно“, додава Тухел.