Колумбискиот фудбалски напаѓач Дуван Запата (28) со своите мајстории на зелениот терен ја одбележа сезоната во Серија А.
Чудесниот напаѓач на Аталанта го игра најдобриот фудбал во досегашната кариера, постигна 28 гола на сите натпревари, а врвот на сезоната беше пласманот со тимот од Бергамо во Лигата на шампионите.
Запата, кој е на позајмица од Сампдрија во Аталанта, привлече големо внимание на себе, а моментната трансфер-вредност изнесува околу 20 милиони евра. Аталанта има право да го откуп неговиот договор во јуни 2020 година.
Колумбиецот во интервју за медиумите од неговата татковина зборуваше за шпекулациите со кои го поврзуваат со бројни европски фудбалски гиганти.
„Секој ден гледам дека ме поврзуваат со различен клуб, но се обидувам да останам мирен. Знам дека Аталанта направи големи напори да ме доведе, само бев фокусиран успешно да ја завршам сезоната и посветен сум на играта во репрезентацијата. Читав дека моето име се поврзува со Реал Мадрид. Тоа за мене е голема чест, се чувствувам пријатно, ми годи тоа, но цврсто стојам на земја“ – вели Запата кој со оваа изјава помалку ги разочара челниците на Интер кои покажуваат големо интересирање за голгетерот.