Мадрид преполн со навивачи пред големото финале од Лигата на шампионите. Сите улици, плоштади, ресторани и барови се преплавени со посетители, кои ќе ги бодрат Ливерпул и Тотенхем. Вчеравечер, навивачите се забавуваат во центарот на градот. Низ улиците, пред фан-зоните и плоштадите е распоредена полиција, со околу 4.000 припадници. Скоро насекаде во центарот на градот има и екипи на Брза помош.
Во фан-зоните успеаа да влезат само оние кои навреме обезбедиле влезници, останатите, се забавуваа низ улиците. Во градот има над 60 илјади посетители, но нема да можат сите да го проследат финалниот меч во живо на стадионот стадион Ванда Метрополитано поради ограничениот влез влезници. Најбројни се Англичаните, но не изостануваат и Французите, Швеѓаните, Данците, Австралијанците и останатите националности.
Мадрид овие денови е центар на фудбалскиот свет, а сите со нетрпение го очекуваат финалето од Лигата на шампионите. Мечот меѓу Ливерпул и Тотенхем ќе се игра во сабота од 21 часот на арената „Ванда Метрополитано“. Билетите се целосно распродадени, а оние кои не набавиле на време, купуваат од „црниот пазар“ по високи цени кои достигнуваат до 10 илјади фунти.
Од Мадрид за Топспорт, Кристијан Ландов