Шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф вели дека Роберт Кубица е приоритет на тимот на Вилијамс за 2018 година, што значи дека шансите на јуниорот на „Сребрената стрела“, Паскал Верлајн да добие договор се „минимални“.
Кубица ќе тестира за Вилијамс на тестот по последната трка овој викенд во Абу Даби, а англискиот тим бара замена за Фелипе Маса, кој по вторпат оди во пензија. Други опции се Пол ди Реста, Данил Квјат и Верлајн, кој оваа година настапуваше со Заубер.
„Мислам дека досега стана јасно дека Вилијамс имаат приоритет да потпишат со Роберт. Од моја гледна точка, тој заслужува шанса да добие место, но тоа значи дека Паскал нема да има место. Не можам да му посакам на Роберт да има лош тест и да ги разубеди Вилијамс, бидејќи речиси сите навиваат тој да добие шанса“, вели Волф.
За Верлајн, тоа значи дека може да се врати во ДТМ серијата во Германија првпат откако ја освои титлата во 2015 година, откако Роберт Викенс замина во Инди кар серијата. Волф вели дека не можат да „наметнат“ свои возачи на партнерите.