Русинот Карен Хачанов стигна до своето прво гренд слем четврт-финале, откако во вечерната пресметка во Париз го победи Хуан Мартин дел Потро, но и непријателски расположената публика.
Иако Дел Потро ја имаше поддршката на француската публика, Хачанов стигна до 7:5/6:3/3:6/6:3 победа за да обезбеди четвртфинален дуел со фаворитот Доминик Тим на Ролан Гарос.
„Секако, ова е моето прво гренд слем четврт-финале и пресреќен сум. Атмосферата? Навистина добра, секогаш има убава енергија во Париз, каде што лани го освоив Мастерсот. Луѓето ме сакаат и го извикуваат моето име“, изјави саркастично Хачанов по победата.
До своето прво четврт-финале на големите турнири стигна и американската тинејџерка Аманда Анисимова, откако со 6:3/6:0 ја победи шпанската квалификантка Алиона Болсова. 17-годишната Анисимова имаше 33 директни победнички топки и три аса за да ја прекине лудата серија на Болсова, која играше првпат на еден голем турнир.
Анисимова е првата тенисерка родена во 2000-тите, која влегува меѓу најдобрите осум на еден гренд слем турнир, а награда ќе и биде пресметка со актуелната шампионка и прва фаворитка за трофејот, Симона Халеп.