Светската фудбалска куќа (ФИФА) официјално ја „потсети“ Перуанската фудбалска федерација за правилата за мешање на националните влади во работата на спортската федерација, по „заканите“ за носење закон за спортот во јужноамериканската земја.
ФИФА со писмо реагира на „сегашниот нацрт-закон за перуански спорт“, кој минатиот месец беше поднесен до Конгресот, и во кој има „одредби кои ако се имплементираат се во спротивност на статутот на ФИФА“.
Во сериозни случаи, ФИФА може да реши да го суспендира националниот тим на земјата во која владата се меша во федерацијата, иако од ФИФА посочија дека тоа не е можно во моментов, кога Перу се квалификуваше на првото СП од 1982 година.
Претходно, италијанските медиуми, предводени од „Газета дело спорт“, тврдеа дека некои обложувалници во Италија веќе овозможиле обложување дека Италија ќе биде на СП и покрај елиминацијата во баражот со Шведска – така што Перу би бил дисквалификуван, а Италија би одиграла дуел со Нов Зеланд за испразнетото место.
Ваква „теорија“ викендов почна да се „провлекува“ и кај американските медиуми, кои би сакале САД, уште една репрезентација која не се квалификуваше на СП во Русија, да добие „втора шанса“.,