Австралиската фаворитка Ешли Барти и чешката тинејџерка Маркета Вондроушова се пласираа во финалето на Ролан Гарос, каде што двете тенисерки ќе се борат за својата прва гренд слем титула.
19-годишната Вондроушова имаше едноставен пат до финалето, откако со 7:5/7:6(2) ја совлада Британката Џоана Конта, додека Барти спречи дуел на две тинејџерки во финалето, откако во драматичен меч со 6:7(4)/6:3/6:3 ја победи американската сензација Аманда Анисимова.
Барти започна фуриозно, откако поведе со 5:0 во првиот сет, но Анисимова успеа да направи неверојатен пресврт, да обезбеди тај-брејк и водство во првиот сет. Сепак, искуството на Австралијката го направи своето и таа беше постабилна во следните два сета за да се пласира во финалето.
Денеска на програмата на Ролан Гарос се и двете машки полуфиналиња, „вечниот дуел“ Роџер Федерер-Рафаел Надал и мечот на светскиот број 1 Новак Ѓоковиќ и минатогодишниот финалист Доминик Тим.