Шпанскиот фудбалски ас, Фернандо Торес денеска на својот Твитер профил објави дека ја завршува фудбалската кариера, а детали најави за во недела, кога на прес-конференција во Токио официјално ќе се прости од активното играње фудбал.
„Имам нешто многу важно да најавам. По 18 возбудливи години, дојде време да ја завршам кариерата. Во недела во 10 часот по јапонско време ќе одржам прес-конференција на која ќе ги објаснам сите детали. Се гледаме“ напиша Торес.
Торес е дете на Атлетико Мадрид, а како сениор за „јорганџиите“ настапуваше во два наврати, од 2001 до 2006 и од 2015 до 2018 година.
Освен во Атлетико, Торес длабока трага остави во Ливерпул каде беше омилен напаѓач без оглед на тоа што со „црвените“ не освои ниту еден трофеј.
Потоа се пресели во Челси за 58 милиони евра и таму доживеа сериозен пад во формата. На 110 настапи постигна само 20 гола.
Следуваше кратка епизода во Милан, по што се врати во Атлетико. Со клубот од детството ја освои Лига Европа, а играше и во финалето на Лигата на шампиони.
Иако Шпанецот се закити со трофејот во ЛШ и во ЛЕ и како играч на Челси, сепак најголемите успеси во кариерата му беа со шпанската фудбалска репрезентација. Со „фуријата“ двапати беше европски и еднаш светски шампион.
I have something very important to announce. After 18 exciting years, the time has come to put an end to my football career. Next Sunday, the 23rd at 10:00AM, local time in Japan, I will have a press conference in Tokyo to explain all the details.See you there. pic.twitter.com/WrKnvRTUIu
— Fernando Torres (@Torres) June 21, 2019