Top Sport

Ефес по 10 години повторно е турски шампион!

Анадолу Ефес ја освои рекордната 14 титула во турскиот шампионат, откако во одлучувачкиот седми меч во својата „Синан Ердем“ арена во Истанбул со 89:74 (21:23, 23:14, 25:21, 20:16) го совлада истанбулскиот ривал Фенербахче.

Ова е прв трофеј за клубот порано познат како Ефес Пилсен од сезоната 2008/09, откако Ефес доминираше во текот на 1990-тите, кога кај нив играше и македонската кошаркарска легенда Петар Наумоски. За Фенербахче пак, кои тренерот Жељко Обрадовиќ ги трансформираше во сериозен тим, ова е прв пораз во борбата за титулата по три последователни круни.

Човек на одлука во „мајсторката“ беше Шејн Ларкин, кој имаше 38 поени (11-од-18 од поле), 3 скока и 4 асистенции, додека Василије Мициќ додаде 20 поени. За Фенер, Костас Слукас имаше 21 поен, а Никола Калиниќ 19 поени.

Фенербахче водеше со 23:21 по 10 минути, но Ефес на полувреме направи предност од 44:37, пред во второто полувреме да доминираат и да имаат предност од 21 поен (83:62), за да не дозволат кам-бек на Фенербахче.

Лутото ривалство меѓу двата клуба доби и поинакви димензии, откако навивачите на Фенербахче посебно се „навртеа“ на тренерот на Анадолу, Ергин Атаман, кој беше мета на многу навреди. Од друга страна, Фенер ги обвинија Ефес дека не обезбедиле амбулантно возило за Луиџи Датоме, кој доби губиток на сеќавањето во петтиот меч. Турската кошаркарска федерација ги казни Фенер со два меча на гости без публика.

Scroll to Top