Поголем дел од фудбалерите на Манчестер јунајтед посакуваат Пол Погба да замине од клубот ова лето, за да започне новата ера на „Олд Трафорд“ под водство на Оле Гунар Солскјер, јавува британскиот „Сан“.
Околу Французинот повторно има голем број на шпекулации и очекувања дека ќе си отиде само три години откако се врати од Јувентус откако самиот изјави дека сака „нов предизвик“, а најзаинтересирани се неговиот поранешен клуб Јуве, како и Реал Мадрид. Од Јунајтед засега инсистираат дека 26-годишниот Погба не е на продажба, а дури и кога би се убедиле, цената би била астрономски 150 милиони фунти
Погба останува популарен во соблекувалната на Јунајтед, тврди „Сан“, но сепак дел од фудбалерите сметаат дека е потребно да се направи нов старт на клубот и не сакаат незадоволството на Французинот да ја нарушува атмосферата.
„Дејли мејл“ пак, тврди дека Јунајтед очекуваат Погба да патува со клубот на турнејата пред стартот на сезоната, а тој ја има и поддршката од потпретседателот на клубот Ед Вудвард, како и од сопствениците, семејството Глејзер.