Иако се очекуваше борба до последен здив, Чен Сунг Џунг, или попознат како „Корејски зомби“ експресно го совлада Бразилецот Ренато Моисан во главниот меч на УФЦ Фајт најт 154 во Јужна Каролина.
32-годишниот Кореец се враќа во УФЦ по пауза од над три години, и откако во првите половина минута ги „мереа“ силите, Џунг го собори противникот со два удари за да го добие мечот по само 58 секунди во октагонот.
И другиот најинтересен дуел на вечерта помина експресно, откако Жаирзињо Розенстрајк од Суринам за само девет секунди го победи Ален Краудер во меч во тешка категорија. Американецот веднаш тргна во напад, но ја загуби рамнотежата и падна, нешто што Розенстрајк го искористи и го доврши на подот.