Светскиот шампион на 100 метри, Џастин Гетлин верува дека јамајчанската атлетска легенда Јусеин Болт може да се врати на тартанот за да се натпреварува на Олимпијадата во Токио во 2020 година.
31-годишниот Болт ја заврши кариерата по Светското првенство во Лондон во август, кога неговата последна трка на 100 метри заврши со трето место зад Гетлин и Американецот Кристијан Колмен. Потоа, во штафетата 4х100 метри, Болт се повреди и имаше неславен крај на кариерата.
Гетлин, кој е контроверзен поради тоа што двапати отслужи допинг-суспензија, вели дека неговиот „најголем натпреварувач“ може да се врати.
„Ако има љубов кон спортот, ќе биде тешко да се стои настрана. Да кажеме вака – тој ја сака тркачката патека. Многу! Тој е најсилниот натпреварувач кој сум го видел. Сака да биде таму на таа линија против сите други момци. Затоа, ако размислам добро, мислам дека ќе го видиме во 2020 година“, вели Гетлин во интерјву за „Дејли мејл“.