Италијанските медиуми тврдат дека Костас Манолас се „сели“ во Наполи за 36 милиони евра, откако Рома прифатила да го добие Амаду Диавара за 20 милиони евра во размена на двата италијански клубови.
„Скај спорт Италија“ тврди дека договорот е направен и дека ќе се комплетира оваа недела. Манолас имаше откупна клаузула од 36 милиони евра, која Наполи одби да ја плати, барајќи да се вклучи и фудбалер во размената, и иако ова не им се допаѓало во Рома тие се согласиле да прифатат 20 милиони евра и Диавара во размената.
Иако се работи за „проста“ замена на фудбалери, двата договори ќе се третираат како посебни на хартија, за Рома да може да покаже профит од договорот за Манолас пред крајот на финансиската година на 30 јуни за да се испочитува финансискиот фер-плеј на УЕФА.
Според „Скај спорт“, грчкиот интернационалец обезбедил договор од 3.5 милиони евра по сезона плус 1 милион евра во бонуси.