Домаќините на Африканскиот куп на нации, Египет, ја забележаа и втората победа во вториот меч на натпреварувањето, покажувајќи дека се едни од главните фаворити за титулата, откако со 2:0 беа подобри од репрезентацијата на ДР Конго.
Пред 70-тина илјади гледачи на „Интернационалниот стадион“ во Каиро, кои направија фантастична атмосфера, „фараоните“ дојдоа во водство во 25. минута со голот на фудбалерот на Астон вила, Ахмед Елмохамади, а делириумот беше достигнат кога мега-ѕвездата Мохамед Салах во 43. минута зголеми на 2:0.
Со победата, Египет е на чекор до првото место во групата А со шест поени, пред Уганда со 4, Зимбабве со 1 и ДР Конго со 1. Следни противници за Египќаните се незгодните Уганда.