Светската автомобилистичка федерација (ФИА) ја бранеше својата одлука да не го казнат Макс Ферстапен за контактот со Шарл Леклер во финишот на Австриското ГП, откако повеќе критичари сметаа дека се работи за неконзистентен пристап.
Критиките од навивачите на Ферари дојдоа откако Себастијан Фетел беше казнет за инцидентот со Луис Хамилтон на Канадското ГП, со што му беше одземена победата во Монтреал, но и казната на Даниел Рикардо во Рено на Француското ГП.
Директорот на трки на ФИА, Михаел Маси, кој е наследник на Чарли Вајтинг на оваа позиција, вели дека инцидентите Фетел-Хамилтон и Леклер-Ферстапен не можат да се споредуваат и дека било праведно што само Фетел бил казнет.
„Инцидентот во Канада е посебен – Себастијан помина на тревата, беше напред и не се работеше за обид за претекнување. Инцидентот на Даниел со Лендо Норис беше исто така поинаков – Даниел излезе од патеката и се врати на неа. Со Макс и со Шарл се работеше за обид на претекнување – двата болиди беа на патеката. Затоа не може да се споредуваат трите инциденти, бидејќи се многу различни. Стјуардите оценија дека се работи за тркачки инцидент и според нивната перспектива се работеше само за добро и цврсто тркање“, вели Маси.