Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер вели дека Себастијан Фетел останува „пријател на тимот“, зголемувајќи ги шпекулациите дека четирикратниот светски шампион сака да замине од Ферари, а можеби и од Ф1 на крајот на годината.
Фетел има договор со Ферари до 2020 година, и иако изјави дека нема да се пензионира, постојано го изразува своето незадоволство со модерната Ф1. Хорнер беше запрашан дали е можно тој да се врати во Ред бул.
„Имаме многу убави сеќавања од времето со Себастијан. Тој е дел од историјата на нашиот тим, освои четири титули и многу победи со нас. Тој ја донесе првата победа на Ред бул во Ф1 и имаме посебни односи со него. Сега вози за Ферари, но честопати доаѓа како гостин во тимот бидејќи ги познава луѓето. Тој е пријател на тимот и беше среќен за подобрените резултати. Имаме пријателство и меѓусебна почит“, вели Хорнер.