Француската репрезентативка Александра Лакрабер ја игра последната сезона во ЖРК Вардар. Како што пренесува влијателниот „Лекип“, таа од наредната сезона ќе се врати во татковината и ќе го облече дресот на Флери.
Лакрабер минатата сезона во ЖРК Вардар дојде од Ница, учествуваше во освојувањето на двете домашни титули, титулата во регионалната ВРХЛ лига. Беше дел од тимот кој настапи на завршниот турнир во Лигата на шампионките, каде што „црвено-црните“ го освоија второто место.
Ракометарката која настапува на позицијата десен бек ќе потпише двегодишен договор со Флери со опција тој да биде продолжен за уште една.
Лакрабер сакала да се врати во татковината за да може целосно да им се посвети на студиите по психомоторика.
Александра Лакрабер во моментов се наоѓа на подготовки со француската репрезентација, која ќе настапи на Светското првенство во Германија.