Европските шампиони Ливерпул се загрижени дека стравот на менаџерот Јирген Клоп од „прегорување“ ќе го спречи Германецот да го продолжи договорот со „црвените“, јавува „Сан“.
Се верува дека сегашната плата на Клоп е околу 7 милиони фунти годишно, но сопствениците на клубот „Фенвеј спорт груп“ направиле понуда со 10 милиони фунти по победата во Лигата на шампионите за нов шестгодишен договор за да се осигура неговата иднина на „Енфилд“, но засега Клоп ја одбил оваа понуда.
Според „Сан“, германскиот менаџер повеќе го вреднува своето здравје отколку парите и трофеите и не сака да се обврзе на уште многу години стрес со долг договор. Клоп и неговиот тим потпишаа шестгодишен договор во 2016 година, така што тој е во клубот барем до 2022 година и не се очекува предвреме да се повлече.
Клоп претходно ги нарече „глупости“ шпекулациите за заминување во Реал Мадрид и Јувентус, пред тие да си најдат тренери, но неговата репутација секако ги привлекува сите големи клубови.