Баерн Минхен остана без доста клучни фудбалери ова лето, откако во пензија замина Арјен Робен, Рафиња се врати во Бразил, Матс Хумелс се врати во Борусија Дортмунд, иднината на Франк Рибери останува неизвесна, Хамес Родригез чека трансфер во Наполи, а Марко Фридл беше продаден на Вердер.
Од друга страна, во тимот дојде Лукас Ернандез од Атлетико Мадрид (80 милиони евра), Бенжамин Павар од Штутгарт (35 милиони евра), а дојде и младиот Јан-Фиете Арп од Хамбургер (3 милиони евра). Според германскиот весник „Билд“, главниот проблем во засилувањата на тимот е хрватскиот тренер Нико Ковач.
Според нивните извори од фудбалерите на Баерн, во соблекувалната има големо незадоволство поради слабиот состав, а неодамна агентот на Мануел Нојер изјави дека ако не се донесат засилувања тој ќе побара посилен клуб.
„Баерн под итно мора да ги зголеми напорите да се донесат засилувања, инаку Баерн нема да може да биде конкурентен во Eвропа. Нико Ковач не е тип на тренер по кого ќе се залетаат големите ѕвезди. Тоа го мислат повеќе фудбалери од составот“, вели анонимниот извор за „Билд“.
Баерн се обиде да донесе неколку големи засилувања како Лирој Сане, Калам Хадсон-Одои, Никола Пепе и Матијс де Лихт, но на крајот не успеа