Селекторот на кошаркарската репрезентација на Шпанија, Серџио Скариоло, го соопшти спискот од 16 играчи кои ги започнаа подготовките за настап на Светското првенство во Кина.
Скариоло на списокот има девет играчи кои играа во квалификациите и четворица што настапуваат во НБА-лигата. Од играчи што со години наназад ја носеа играта на „црвената фурија“ ги нема повредениот Пау Гасол и Серхио Чачо Родригез кој реши да земе одмор.
Повик од Скариоло, како и за претходните акции на националниот тим, не добија натурализираните Серж Ибака и Никола Миротиќ.
Довербата на селекторот Скариоло ја добија Пабло Агилар, Хавиер Беиран, Виктор Квалер, Кино Колом, Илиман Диоп, Руди Фернандез, Хаиме Фернандез, Марк Гасол, Вили Ернангомез, Хуанчо Ернангомез, Серхио Љуљ, Чаби Рабаседа, Пјер Ориола, Пау Рибас, Рики Рубио и Џоан Састре.
Капитен на репрезентацијата ќе биде играчот на Реал Руди Фернандез кој има одиграно 221 натпревар за државниот тим.
Шпанија подготовките ќе ги започне на 24 јули во Мадрид.
„Црвената фурија“ на СП ќе игра во Ц-групата заедно со Иран, Порторико и Тунис, а во втората рунда ќе вкрсти со групата во која се Србија, Италија, Ангола и Филипините.