Шефот на Мерцедес, Тото Волф вели дека покрај доминантниот болид кој го има компанијата, клучот за успехот е во тоа што тие му дозволиле на Луис Хамилтон да живее како што тој сака.
Хамилтон има 12 победи во последните 17 трки во Формула 1, освојувајќи ја петтата светска титула минатата година, и многу веројатно без проблеми ќе стане и шесткратен шампион на крајот на оваа година.
Последните неколку години, Мерцедес му дозволија на Хамилтон да се фокусира и на своите други активности, како промоцијата на својата модна линија во соработка со Томи Хилфигер, и постојаните забави и шетање низ светот кога има време. Волф вели дека оваа слобода била клучна.
„Најважно е да се сфати дека сите сме различни личности и потребна ни е различна атмосфера да работиме добро. На Луис му е потребно да ги тера и другите интереси и амбиции. Наместо да го поставиме во кутија и да му кажеме: ’Вака треба да се однесуваш, да не одиш никаде пред трките, да не снимаш музика’, ние му даваме слобода за да извлече повеќе на патеката. Ако за тоа му е потребно да мисли на модата, да снима музика или да оди на сноуборд со другарите, нема проблем“, вели Волф.