Top Sport

Јохансон: Ѓоковиќ е како пајак со осум нозе!

Томас Јохансон, тренерот на Давид Гофан, противникот на Новак Ѓоковиќ во четврт-финалето на Вимблдон, вели дека соочувањето со Србинот е исто како да се сретнеш со пајак со осум нозе кој може да стигне сè што ќе му дадеш.

Актуелниот шампион и светски број 1 ќе игра со белгискиот 21. носител, Гофан на „Централниот терен“ во среда за место во полуфиналето и поранешниот шведски тенисер вели дека мора да има план да го „извади“ Ѓоковиќ од место.

„Речиси е невозможно да се најде некоја слабост во неговата игра. Тој нема силен сервис, но затоа е многу прецизен. Од основната линија е како ѕид. Се сеќавам дека тренирав со него пред многу години и тоа е како да играш со пајак. Сè ти се враќа. Мораш да го поставиш во незгодна позиција, бидејќи во спротивност ќе те убие“, вели Јохансон, шампионот од Австралија опен од 2002 година.

28-годишниот Гофан го израмни својот најдобар пласман на гренд слем со првото четврт-финале на Вимблдон и тој има само 1-5 скор против 32-годишниот Србин, иако го доби последниот меч на земја во четврт-финалето во Монако во 2017 година.

„Беше важно Давид да го победи барем еднаш, бидејќи повеќето тенисери никогаш го немаат победено. Да, тука се Роџер Федерер и Рафаел Надал, но Новак е човекот кој треба да го победиш за титулата тука“, објаснува Јохансон.

Scroll to Top