Top Sport

Тоти: Дамјано Томази за спас на италијанскиот фудбал

Легендата на Рома, Франческо Тоти признава дека му било многу тешко кога Италија не успеа да се квалификува за Светското првенство во Русија и вели дека има само еден човек кој може да доведе ред во Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) – неговиот поранешен соиграч, Дамјано Томази.

По фијаското на „аѕурите“ беше отпуштен селекторот Џампјеро Вентура, а долговечниот претседател на ФИГЦ, Карло Тавекио си поднесе оставка.

„Елиминацијата ми падна навистина тешко. Како сите Италијанци не верував дека е можен неуспех. Тоа не шокираше нас во Италија, но и целиот фудбалски свет. Ќе биде многу чудно да се гледа Светското првенство. Има многу имиња кои се споменуваат како можна замена за Тавекио, но би требало да му дадат да контролира сè на Дамјано Томази. Не го велам тоа бидејќи тој е мој пријател, туку бидејќи е млада, позитивна и транспарентна личност. Тој го знае италијанскиот фудбал“, вели Тоти во интервју за „Кориере дела сера“.

Томази во моментов е претседател на синдикатот на италијанските фудбалери.

Тоти замина во пензија на крајот на минатата сезона и вели дека уште го има фудбалот во срцето.

„Во соблекувалната сум често, речиси секое утро тренирам. Близок сум до сите во Рома, така што чувството е слично, иако не се облекувам за натпревари како претходно“, додава Тоти.

Дали жали за нешто?

„Кажав и претходно, но ќе повторам, единствено за што жалам е што никогаш не играв со Роналдо. Тоа ќе беше остварување на мојот сон. Тој постигна многу голови, но со мене зад него ќе постигнеше уште повеќе“, додава Тоти.

Scroll to Top