Бидејќи денеска се пополнија „празните“ места во Ферари и Мекларен, со Карлос Саинс Јуниор и Даниел Рикардо, четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел се наоѓа во интересна ситуација да одлучи дали сака да продолжи во спортот и во 2021 година и со кој тим ќе го оствари тоа.
Самиот Германец вели дека заминува од Ферари бидејќи веќе се загубила меѓусебната доверба, очигледно чувствувајќи дека веќе ја нема целосната поддршка по доаѓањето на Шарл Леклер, откако во Ред бул рејсинг беше несомнено возач број 1.
Иако се веруваше дека Фетел ќе заврши во Мекларен, сега тоа место се пополни со Рикардо и единствено место кое е достапно е во неговиот стар тим, Рено. Но, прашање е дали 32-годишниот Фетел е подготвен за долгорочен проект кој сигурно нема да донесе успех на кратки патеки. Покрај, тоа, иднината на Рено во спортот не е сигурна, бидејќи францускиот гигант призна дека ќе ги разгледа опциите околу продолжувањето во Формула 1.
Со тоа, останува најпосакуваното место – Мерцедес! Фетел сака да има тим со кој ќе може да победува и да биде конкурент за титулата, а тоа е можно само во Мерцедес. Вчера, самиот шеф на Мерцедес, Тото Волф вели дека тие ја „следат“ ситуацијата со пазарот на возачи.
Покрај тоа, тука е и договорот на шесткратниот шампион Луис Хамилтон, кој завршува на крајот на тековната сезона која уште не е стартувана, а преговорите за нов договор засега не вродија со плод.