Петкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон ги предупреди сопствениците на спортот дека ако продолжат со планот да го зголемат бројот на трки на 25 годишно, дека тој ќе се пензионира.
Оваа недела, „Либерти медија“, американската компанија која го предводи Ф1 шампионатот, објави дека од 2020 година на календарот се придружува трката во Ханој, Виетнам, а тие не ја кријат желбата да имаат повеќе трки во САД, со најавената трка во Мајами за две-три години.
Бројот на трки оваа и следната година е 21, но следната година првпат по повеќе од 50 години ќе има трка и во декември. Хамилтон, кој овој викенд во Бразил патува како петкратен шампион, вели дека не е возможно да се оди погоре.
„Сигурно нема да бидам тука ако има 25 трки годишно. Веќе изгледа пренапорно, така што повеќе трки нема да донесат добро. Јас сум некој што навистина го сака тркањето, но сезоната е долга и посветеноста на сите нас е преголема. Сезоните стануваат подолги, паузите помали, така што веднаш почнуваш со подготовките за новата сезона кога ќе заврши оваа“, вели 33-годишниот Хамилтон.
Фото: ЕПА