Top Sport

Алдегер победи во Индонезија

Возачот на Гресини, Фермин Алдегер, ја однесе првата победа во кариерата во кралската класа, славејќи на Големата награда на Индонезија, 18-та трка од сезоната на шампионатот во Мото ГП.

Шпанецот стана втор најмлад победник во најсилната категорија, бидејќи убедливо победи во својата 18-та трка, во својата четврта сезона во Светското првенство.

Алдегер триумфираше на патеката „Мандалика“ со седум секунди предност пред Педро Акоста од КТМ Рејсинг, додека вториот возач на Гресини, Алекс Маркез, беше на третото скалило од подиумот.

Покрај победата на Алдегер, трката беше обележана и со инцидент од првиот круг во кој освојувачот на пол-позицијата, Марко Бецеки, го истурка новиот шампион Марк Маркез од патеката.

Италијанецот премногу амбициозно влезе во дуел со возачот на Дукати и се судри директно со него, а двајцата завршија на чакалот.

Маркез беше однесен во медицинскиот центар по инцидентот, каде што му беше дијагностицирана фрактура на клучната коска.

Катастрофалниот викенд за Дукати, кој ја обезбеди титулата меѓу конструкторите во саботата, го комплетираше Франческо Бањаја, кој беше последен во текот на целата трка, а потоа падна во деветтиот круг. И тоа само една недела по двојниот триумф на Големата награда на Јапонија.

Бред Биндер од КТМ Рејсинг заврши четврти, зад него следуваа Лука Марини (Хонда) Раул Фернандес (Трекхаус), Фабио Куартараро од Јамаха и возачот на тимот ВР46, Франко Морбидели, додека првите десет ги комплетираа Фабио ди Џанантонио и Алакс Ринс.

Следната рунда од Мото ГП шампионатот е Големата награда на Австралија на „Филип Ајленд“ од 17 до 19 октомври.

foto/ EPA

Scroll to Top