Top Sport

Алфа Ромео ќе добие поголемо влијание во Заубер

Влијанието на италијанскиот бренд Алфа Ромео во тимот на Заубер ќе продолжи да расте, откако малиот швајцарски тим призна дека размислува за зголемувањето на техничкото партнерство.

Освен како бренд на болидите на сестринската компанија Ферари, Алфа Ромео не беа вклучени во Формула 1 од 1985 година, кога се затвори фабричкиот тим. Ферари реши да го „турка“ брендот Алфа Ромео преку Заубер, и сега шефот на тимот Фредерик Васер вели дека ќе се „пеглаат“ техничките детали.

„Во декември не се брзавме, но работите одеа една по друга. Се согласивме за снабдување на мотори на крајот на јули, потоа почнавме да зборуваме за Алфа Ромео. Имаме поинаков проект и подготвени сме за поголема соработка со Алфа Ромео. Техничка соработка целосно би ни одговарала“, вели Васер.

Вториот „кориснички“ тим на Ферари, Хас Ф1 има далеку поголема техничка соработка со Ферари, купувајќи мотори, суспензија, менувачи и други делови од италијанскиот гигант. Токму оваа соработка предизвика контроверзи на стартот на сезоната поради сличноста на овогодишниот болид на Хас со тој на Ферари од 2017 година. Васер вели дека тие се во поинаква ситуација.

„Ферари се снабдувачи на мотори, а ние имаме техничко партнерство со Алфа Ромео. Не сакам да зборувам за Хас. Очигледно завршуваат добра работа, но ние имаме наш проект“, додава Васер.

Фото: ЕПА

Scroll to Top