Фернандо Алонсо им делел на механичарите на Мекларен „коверти полни со кеш“ за да ги придобие во битката со Луис Хамилтон во 2007, кога двајцата асови имаа катастрофална заедничка сезона во англискиот тим, тврди поранешниот механичар на тимот, Марк Пристли.
Алонсо се приклучи на Мекларен со две освоени титули од Рено, а за колега го доби младиот британски дебитант Луис Хамилтон, но наместо да добие улога на возач број 1, тимот остави да се создаде тензична атмосфера и двајцата имаа неколку конфликти во текот на сезоната. Ова на крајот значеше дека двајцата ја загубија трката за светската титула со само еден поен зад Кими Раиконен, тогаш во Ферари. Веднаш потоа, Алонсо се врати во Рено, додека Хамилтон освои една титула со Мекларен, пред да се пресели во Мерцедес.
„Една од тактиките на Алонсо беше да го собере целиот тим на неговата страна на гаражата, за да добие контрола. На една трка, менаџерот на Алонсо беше таму и делеше мали кафеави коверти со кеш за сите кои не работеа на болидот на Луис. Неговиот тим имаше мали коверти и се сеќавам дека внатре имаше 1.500 евра. Веднаш почнуваш да ги прашуваш другите: ‘Колку доби?’ и атмосферата во тимот се нарушува. На крајот, тимот го дозна тоа и не натера да ги донираме парите во добротворни цели. Луис, од друга страна играше со медиумите, така што двајцата имаа свои игри и стратегии да добијат предност. На крајот двајцата остварија големи резултати на свој начин и со свој приод“, вели Пристли.