Top Sport

Алонсо: Хамилтон е на исто ниво како Михаел Шумахер

Двократниот Ф1 шампион, Фернандо Алонсо вели дека е зачуден од постојаноста на формата на неговиот поранешен колега, Луис Хамилтон, оценувајќи дека тој е „барем на исто ниво“ како легендарниот Михаел Шумахер, кој има една титула повеќе од Британецот.

Алонсо си замина од Ф1 на крајот на 2018 година, вели дека е импресиониран што Хамилтон освои шест титули и што е блиску до рекордот од 91 победа во шампионатот.

„Тоа што го прави тој во Формула 1 во моментов е зачудувачки. Комбинацијата на неговото возење и на силниот болид на Мерцедес го прави тимот доминантен. Но, мислам дека оваа титула му беше тешко да ја освои бидејќи Ферари имаше силен болид, исто како и Ред бул во одреден дел од сезоната. Тешко е да се даваат оценки дали е подобар од Шумахер, но сигурен сум дека е барем на исто ниво“, вели Алонсо.

Околу можноста Хамилтон да потпише за Ферари во 2021 година, Алонсо вели дека тој мора сам да ја направи таа одлука.

„Тоа е лично прашање. Тој мора да ги разгледа сите потенцијални ситуации и да направи одлука. Мислам дека постои доза на лојалност кон Мерцедес по заедничките успеси, но од друга страна не е јасно дали Мерцедес размислува за Ф1 по 2021“, додава Алонсо.

Scroll to Top