Сега веќе пензионираниот двократен Ф1 шампион, Фернандо Алонсо вели дека е импресиониран од тоа што го видел од Ферари во текот на зимското тестирање, каде што Себастијан Фетел заврши како убедливо најбрз.
Алонсо, кој помина четири сезони во Ферари (2010-2014) во кои на двапати беше многу блиску до титулата вели дека сите се импресионирани од „домашната работа“ на италијанскиот тим.
„Сите беа импресионирани во првата недела, кога беа доминантни не само во брзината, туку и во бројот на кругови. Меѓутоа, и лани имаше слична ситуација и затоа мораат да бидат внимателни. Шампионатот е долг и се надевам дека ќе видиме тесна трка за титулата. Во средината, пак, ќе биде слично како лани“, оценува Алонсо.
Поранешниот Ф1 возач и тестер на Ферари, Педро де ла Роса пак, оценува дека италијанскиот тим може да има доминација во 2019 година, откако го гледаше СФ90 во акција.
„Има неверојатен квалитет во Ф1, никогаш не сме виделе толку израмнета пред-сезона и тоа е спектакуларно. Само Вилијамс малку заостануваат, другите се многу блиску. Брзината со која Ферари поминуваше на првата кривина во Барселона е спектакуларна. Ѕверски. Единствениот страв е дека Ферари ќе доминира, и дека ќе видиме слични перформанси како на Мерцедес, само сега во црвена боја“, вели Шпанецот за весникот „Ел конфиденсиал“.
Новата сезона почнува за две недели во Австралија.