Возачот на Алпин, Фернандо Алонсо ги коментираше маките на Мерцедес на почетокот на сезоната во Формула 1.
Двократниот светски шампион често беше во болиди кои не ги следат неговите возачки способности, вели дека неговиот ривал Луис Хамилтон сега ги разбира проблемите со кои се соочувал во текот на кариерата.
„Таков е спортот. Понекогаш имате подобар автомобил, а понекогаш немате. Дефинитивно треба да се борите и да се трудите да напредувате. Оваа сезона гледаме дека возачките вештини се важни, но не и пресудни. Луис вози добро, исто како и претходните осум години. Беше доминантен и ги собори сите рекорди. Има околу 100 пол позиции. Ако сега вози извонреден круг, ќе заостане една секунда… Добре дојдовте во мојот свет“, рече Алонсо во интервју за Би-би-си, додавајќи:
„Тоа е Формула 1. Не е секогаш фер. Пред се, тоа е тимски спорт и често го забораваме тоа, особено кога сме успешни. И покрај обидот да се сподели радоста со тимот, сите наслови се за возачите. Тоа ми се случи кога ги освоив титулите во 2005 и 2006 година, го победив Михаел Шумахер. Се зборуваше за тоа, а мојот болид беше побрз и посигурен, и не можам доволно да му се заблагодарам на тимот и покрај тоа што не му беше посветено внимание на јавноста. Така е и со Луис. Повеќе од 100 пати бил на пол-позицијата, тоа е незамисливо. Со години го имаше најдобриот тим“.
Алонсо потоа продолжи да ја објаснува важноста на болидот.
„Другите возачи исто така би завршиле на 15-та позиција, и покрај нивните исклучителни перформанси – како да им се објасни тоа на луѓето? Хамилтон заслужува се што постигна, но ова е добар потсетник дека тимот и болидот имаат добар удел во сите успеси и рекорди“.
Алонсо и Хамилтон возеа заедно за Мекларен во 2007 година. Британскиот тим водеше голема битка со Ферари, а Кими Раиконен ја освои титулата благодарение на нивното ривалство. Луис сега го има Џорџ Расел покрај себе, а Фернандо вели дека перформансите на 24-годишниот возач не треба да изненадуваат.
„Џорџ е многу брз, тоа го покажува веќе неколку сезони. Верувам дека сите очекуваа тој да му биде достоен конкурент на Луис. Сепак, верувам дека на крајот Хамилтон ќе биде подобро пласиран од неговиот тимски колега. Досега возевме пет трки, но кога ситуацијата ќе стане предизвикувачка со развојот на сезоната, Луис ќе го искористи своето искуство и умешност“.