Top Sport

Алонсо на 24 часа Ле Ман со Тојота?

Фернандо Алонсо ќе се трка на славната трка на издржливост, 24 часа Ле Ман следната сезона и тоа со тимот на Тојота, главниот ривал на сегашниот снабдувач на мотори на неговиот Мекларен, Хонда.

„Би би си“, објавува дека преговорите на Шпанецот со Тојота одат дотаму што е можно тој да вози во поголемиот дел од Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ) во 2018 година. Договорот би требало да биде потпишан наскоро, а Алонсо ќе тестира со ВЕЦ автомобилот на Тојота во Бахреин на 19 ноември, еден ден по последната Ф1 трка оваа година во Абу Даби.

„Ле Ман е сигурно договорен. За остатокот од сезоната уште се преговара, но тој има желба да оди на повеќето трки“, вели извор од Тојота за „Би би си“.

36-годишниот Алонсо не сакаше да коментира на Бразилското ГП, но ова би бил логичен чекор напред во неговиот обид да ја освои таканаречената „тројна круна“ во мотоспортот – Монако ГП, Индијанаполис 500 и Ле Ман, нешто што досега му успеа само на светскиот шампион во Ф1 од 1962 и 1963, Британецот Греем Хил.

Веќе беше потврдено дека Алонсо ќе учествува на Дејтона 24 часа трката во јануари како подготовка за обидот на Ле Ман. Алонсо победи во Монако во 2006 и 2017, а минатата година настапи на Индијанаполис 500 и беше во позиција да се бори за победа, пред да му откаже моторот на Хонда (нешто што многупати го искуси во Ф1 последните три години).

Scroll to Top