Top Sport

Алонсо: Шумахер не губеше од никого, за разлика од Хамилтон

Фернандо Алонсо, еден од ретките возачи кои имаа шанса да се борат со Михаел Шумахер и со Луис Хамилтон, смета дека Германецот бил едноставно потежок за борба од Англичанецот.

Асот на Мерцедес, Хамилтон е на една победа од израмнувањето на рекордот на Шумахер од 91 ГП победа, а исто така е на добар пат да ги достигне и неговите седум шампионати. Алонсо, кој следната сезона се враќа со Рено во Ф1, вели дека е тешко да се споредуваат возачите од две различни ери.

„Тешко е да се прави споредба. Се работи за различна ера во спортот со различни болиди. Но, се сеќавам дека Михаел беше возач кој беше тешко да се победи, некој со најголем талент. Го имаше тоа дополнително што е потребно. Луис дефинитивно е одличен и најдобар во својата генерација, но на пример не ја освои титулата со Мекларен кога му беше колега на Џенсон Батон. Во Мерцедес, Нико Розберг исто така освои титула пред него. Михаел немаше такви конкуренти и секогаш победуваше. Затоа е чекор напред“, вели Алонсо за „Билд“.

Алонсо и Хамилтон беа колеги во Мекларен во 2007, но никогаш немаше дуел во иста машинерија со Шумахер. Тој заврши во Ферари по пензионирањето на Шумахер, но не успеа да ја освои титулата со италијанскиот тим.

„И без титула со Ферари, тоа беше позитивно искуство за мене. Мислам дека и Себастијан Фетел ќе има исти спомени иако не стсана шампион со нив. Се работи за најлегендарниот Ф1 тим и посебно е да се вози за нив“, додава Шпанецот.

Scroll to Top