Шефот на тимот на Ферари, Маурицио Аривабене смета дека тоа што ривалите од Мерцедес не се навикнати да имаат „втор најдобар“ болид во Ф1 е нивна голема предност.
По Белгиското ГП минатиот викенд, каде што Себастијан Фетел доминираше и лесно го помина Луис Хамилтон, Ферари одеднаш се најдоа во позицијата да бидат фаворити со најбрз болид, така што сега очекувањата пред домашното ГП во Монца (каде што Мерцедес има четири победи во низа) се огромни.
„По победата во Спа, сега има повеќе притисок кај нас, но навикнати сме на тоа да мораме да имаме добар резултат. Беше потребно долго време, но резултатите конечно полека доаѓаат. Сите во Италија сакаат да го видат Ферари како победува, но вистинските рок-ѕвезди се тие во нашата гаража. Но, уште заостануваме и одиме трка по трка. Ако победиш во една рунда, мечот уште не е завршен. Ние сме навикнати на ова, Мерцедес не се. Порано или подоцна, ќе ги удриме силно и ние ќе бидеме лошите момци. Знаеме колку боли тоа“, вели Аривабене за „Скај спортс Италија“.