Top Sport

Бањаја: Дури и ако останам без титулата не сакам да возам во Валенсија

Возачот на Дукати, Франческо Бањаја, изјави дека не е подготвен да се трка во Валенсија по катастрофалните поплави што го погодија регионот, дури и ако тоа го чини титулата.

Регионот на Валенсија беше тешко погоден од овонеделното невреме, во кое животот го загубија над 150 луѓе.

Патеката „Рикардо Тормо“ треба да биде домаќин на последната трка од сезоната од 15 до 17 ноември, а иако патеката е недопрена, пристапниот пат претрпе сериозна штета поради што е доведено во прашање одржувањето на трката. И не само поради тоа, туку поради фактот што целиот регион треба да се вклучи во трката во време кога има многу поважни работи.

Италијанскиот „Скај Спорт“, во петокот објави дека приоритет на Дорна е да се одржи трката за Големата награда на Валенсија, со потенцијално одложување од една недела. Првиот човек на Светската мотоциклистичка федерација, Јоргос Виејас изјави дека доколку трката не се одржи, тоа ќе биде голем удар за регионот на Валенсија.

Актуелниот шампион Пеко Бањаја, во Малезија, по првиот официјален тренинг на кој го постигна најдоброто време, јасно го истакна својот став во интервју за италијанските медиуми.

„Сè зависи од тоа каде ќе биде трката, бидејќи мислам дека нема да биде фер да се одржи во Валенсија“, рече Бањаја, „Искрено се надевам дека ќе го земат предвид тоа, етички и поради се што се случува, тоа не е исправно. Дури и поради тоа да останам без титулата, не сум подготвен да возам во Валенсија“.

На две трки и два спринта до крајот на сезоната, Бањаја заостанува 17 бода зад возачот на Прамак Хорхе Мартин.

Scroll to Top