Top Sport

Бањаја супериорен во „катедралата“ во Асен

Светскиот шампион, Франческо „Пеко“ Бањаја ја запечати својата четврта победа оваа сезона во Мото ГП шампионатот, откако во првите кругови го помина Брад Биндер за да стигне до доминантен триумф на Холандското ТТ во „катедралата на брзината“, славната патека во Асен.

Откако во вчерашната спринтерска трка беше втор зад Марко Бецеки, овојпат тој триумфираше пред својот сонародник, додека Биндер заврши трет во трка во која голем број на возачи не успеаја да стигнат до целта.

Бецеки имаше лош старт на трката од пол-позицијата, за да дозволи Јужноафриканецот Биндер да стане лидер по првата кривина, но веднаш зад него беше Бањаја, кој бргу ја презеде контролата на трката. Биндер не успеа да го задржи темпото и го загуби второто место од Бецеки, кој потоа остатокот од трката се обидуваше да се доближи до Бањаја, но на крајот не успеа. Поранешниот победник во Асен, Маверик Вињалес беше еден од повеќето возачи кои паднаа на тешката патека, исто како поранешниот шампион Фабио Квартараро, кој се судри со францускиот сонародник, Жоан Зарко.

Бањаја го зголеми водството во генерален пласман – сега има 194 поени, 35 повеќе од Хорхе Мартин, кој ја заврши трката на петтото место, Бецеки е трет со 158 поени, а Биндер е четврти со 117 поени.

Scroll to Top