Top Sport

Бастијанини е нов лидер, „лудиот“ Марк Маркез од последното до шестото место во Тексас!

Енеа Бастијанини стигна до фантастична победа на ГП на Америките на патеката во Остин, Тексас да ја прекине победничката низа на шесткратниот светски шампион Марк Маркез на оваа патека, иако неверојатниот Шпанец стигна до шестото место во првата трка по хорор-судирот во Индонезија по кој имаше потрес на мозокот и страдаше од проблеми со очите.

Бастијанини донесе нова победа за Дукати, негова втора оваа сезона со која е нов лидер во генерален пласман, пред Шпанецот Алекс Ринс, кој во последниот круг победи уште еден возач на Дукати, Џек Милер.

На четвртото место беше Жоан Мир пред Франческо Бањаја, а зад нив, Маркез, кој признава дека патеката во Тексас е неговата омилена на календарот, и досега имаше неверојатни седум победи тука, имаше фантастична битка со актуелниот светски шампион, Фабио Квартараро за да покаже дека ако остане здрав повторно ќе биде конкурент за победа на било која патека.

Уште поимпресивно, „Кралот на ЦОТА“, Маркез стартуваше како деветти, но имаше катастрофален старт и заврши на последното 24. место пред првата кривина. Но, потоаследуваше неверојатниот камбек – до крајот на првиот круг беше на 18. место, а до крајот на третиот круг веќе беше 14. Возејќи побрзо од лидерите на трката, Маркез беше во топ 10 до седмиот круг, по што ги помина Французите Зарко и Квартараро за да стигне до шестото место.

Scroll to Top