Џенсон Батон вели дека неговиот британски сонародник бил „помалку чуден“ додека двајцата беа колеги во тимот на Мекларен.
Во новата автобиографија „Живот на границата“, 37-годишниот светски шампион од 2009 година го опишува трикратниот светски шампион Хамилтон како „брилијантен“ возач, но додава дека тој бил „непредвидлив“ и дека „и покрај сличностите“ никогаш не станале пријатели.
„Тој созреа последните години, стана вистински лидер и претставник на нашиот спорт. Од сите возачи на стартот на трките, тој е човекот кој навистина го има тој талент. Кога дојдов во Мекларен по освоената титула со Браун ГП во 2009 година, бев загрижен за атмосферата во тимот и сакав да донесам поинаков дух. Но, не сум сигурен дека тоа му се допаѓаше на Луис. Да бидам искрен, не сум сигурен дека и јас бев добар според неговиот вкус“, открива Батон, кој се повлече на крајот на минатата сезона.
Иако оваа година имаше кратко враќање во Ф1 со настап на Монако ГП трката, Батон е сигурен дека веќе нема да го гледаме во овој спорт. Главната причина е во смртта на неговиот татко и голем поддржувач во 2014 година, по што трките престанале да бидат забавни.
„Ми понудија место во Формула 1, но не сум заинтересиран, иако во иднина ќе се тркам на други места. Не во Формула 1. Не без тато“, додава Батон.
Во 2015 и 2016 година, Батон беше партнер со Фернандо Алонсо во Мекларен, возач кој исто така има репутација на еден од најдобрите во спортот.
„Би кажал дека со текот на годините, Фернандо беше најтешкиот ривал кој го имав, како колега и како ривал во други тимови. Луис беше брз и можеше да извлече брз круг кога беше потребно, и мислам дека заедно со Аиртон Сена тие се најбрзите на еден круг. Но, Фернандо беше покомплетен возач. Дури кога ќе бев пред него на стартот, знаев дека во трката ќе биде пеколно тешко. Тој е добар отстрана, многу пријатен за разговор, но под тоа има навистина цврст натпреварувач кој ќе направи сè да те победи“, објаснува Англичанецот.