Од управата на Њукасл јунајтед потврдија дека премиерлигашот е на продажба, со што завршува ерата на сопственикот Мајк Ешли десет години откако го купи тимот од „Сент Џејмс парк“.
53-годишниот Ешли, инаку сопственик на „Спортс дајрект“, го купи клубот во јули 2007 година, по што инвестираше 134 милиони фунти за да го спаси од финансиска пропаст исплаќајќи ги огромните долгови на клубот.
Сепак, тој не беше омилен меѓу фановите, откако тимот двапати испадна од елитата (2008/09 и 2015/16), а немаше доволно пари за инвестирање во клубот додека менаџерите се менуваа како на филмска лента.
„По шпекулациите околу иднината на Њукасл јунајтед, сопственикот на клубот, компанијата ‘Сент Џејмс холдинг’ објавува дека е потребен јасен правец за успешна иднина. За клубот да може да просперира и да ги добие потребните инвестиции, најдобро е тимот да се продаде“, се вели во соопштението на клубот.
Ова е изненадување бидејќи Њукасл имаше солидни резултати на стартот на лигата, но, сепак не се работи за целосен шок откако банкарката Аманда Стејвели беше забележана во просториите на клубот. Стејвли е поранешна партнерка на принцот Ендру, а нејзината компанија беше вклучена во продажбата на Манчестер сити на шеикот Мансур преку бизнис-групација од Абу Даби за 210 милиони фунти.