Фернандо Алонсо лесно ќе ги совладаше Макс Ферстапен и Луис Хамилтон и ќе имаше многу повеќе шампионски титули ако во кариерата имаше среќа да вози подобри болиди, смета поранешниот Ф1 возач, Австриецот Герхард Бергер.
Шпанскиот ас не успеа да додаде на двете светски титули освоени со Рено и најблиску беше во 2012 година, кога како возач на Ферари беше второпласиран зад Себастијан Фетел во Ред бул. Оттогаш, тој возеше и за Мекларен пред поради фрустрациите со слабиот болид да се повлече во 2018, пред да се врати на спортот во 2021 со Алпине.
„100 отсто сум сигурен дека ќе освојуваше титули со Ред бул или Мерцедес. Тој е брилијантен возач и со негов талент требаше да има барем пет светски титули. Ако беше во Мерцедес тоа ќе беше лесно остварено. Ќе ги победуваше Ферстапен и Хамилтон лесно“, вели Бергер.
Со него се согласува и светскиот шампион од 1997 година, Жак Вилнев, кој пред Канадското ГП го спореди Алонсо со Ферстапен.
„Ми изгледа дека носи некаква тежина со себе и секогаш кога ќе разговарам со него ми вели: ‘Не оди како што сакам’. Тој е незапирлив, исто како и Макс, никогаш не се откажува“, изјави Вилнев.