Top Sport

Ѓоковиќ со неубедлива победа го отвори Вимблдон

Актуелниот шампион, Новак Ѓоковиќ се намачи со светскиот рекет број 81., Кореецот Сунву Квон, но по речиси два и пол часа игра на „Централниот терен“ на Вимблдон, стигна до 6:3/3:6/6:3/6:4 победа за пласман во второто коло, каде што ќе игра со подобриот од мечот помеѓу Австралиецот Танаси Кокинакис и Полјакот Камил Мајхржак.

Србинот имаше доста проблеми против тенисер кој не е познат како специјалист за игра на трева, посебно во вториот сет, кој го загуби, но и на почетокот на третиот сет. Нервозата кај него беше очигледна, но на крајот тој стигна до брејк и до освојување на третиот сет, по што рутински ја запечати победата.

Дел од мечевите на Вимблдон беа одложени поради веќе „традиционалниот“ дожд во британската престолнина. Во второто коло се и домашниот миленик Камерон Нори по 6:0/7:6(3)/6:3 победата над Пабло Андухар, како и младиот Американец, Френсис Тиафоу по 6:4/6:4/6:4 триумфот над Италијанецот Андреа Вавасори.

Scroll to Top