Поранешниот Ф1 возач, Герхард Бергер верува дека Луис Хамилтон е единствениот возач во историјата кој може да се споредува со талентот на Аиртон Сена и смета дека Британецот може да го сруши рекордот од седум светски титули на Михаел Шумахер.
Австриецот Бергер од 1990 до 1992 година беше клупски колега со легендарниот Сена, кој во тој период освои две од своите три титули и добро го познаваше Бразилецот.
„Секогаш ме прашуваат, како го оценуваш овој возач во споредба со Аиртон. И секогаш во годините велев дека нема никој кој е блиску. Но, Луис е првиот кој можам да го поставам на истото ниво. Момчето е многу брзо, не прави грешки, а најмногу ме импресионира тоа што знае да се контролира по толку освоени работи. Во моментов е непобедлив. Титулите кои ги освоија Мерцедес се поради моторот и поради Луис. Да, тие имаат силен мотор, но Луис секогаш е на врвот – на дожд, на брза патека, на улична патека. Дефинитивно најдобриот возач на светот во моментов. Ако продолжи има шанса да го стигне Михаел“, вели Бергер.