Матијас Биното, првиот човек на Ферари, годинава е нај критикуваниот лик во Формула 1 шампионатот. Навивачите на италијанскиот тим се согласни дека тој е главниот виновник за се она што му се случува на Ферари оваа сезона.
Единствено е мислењето на стручњаците и навивачите дека Ферари направи голем број грешки, особено во стратегијата, што го чинеше борбата со Ред Бул за титулата и кај возачите и кај конструкторите.
Самиот Биното има поинаква перцепција за досегашниот тек на сезоната.
„Секако дека секогаш сакаме да се подобруваме и да учиме од грешките. Сепак, оваа година луѓето ни припишуваат повеќе грешки отколку што всушност правиме. Луѓето немаат јасен увид за се она што се случува на патеката“, истакна Биното.
Во моментов во шампионатот, Макс Верстапен има 98 бодови повеќе од Шарл Леклер, кој е трет зад вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез, додека во конкуренција на конструктори Ред Бул имаат 118 бодови повеќе од Ферари.
„Разликата меѓу нас не е толку голема колку што покажуваат бодовите. Важно е да ги препознаеме нашите слабости, да ја завршиме оваа сезона на најдобар можен начин и да се подготвиме за следната. Болидите во 2023 година ќе бидат горе-долу исти како и оваа сезона“, рече Биното.